Развојната банка со едукативно предавање пред студентите од Економскиот факултет при АУЕ - ФОН
Современите едукативни програми кои ги следат потребите и барањата на модерното општество, практичната настава и едукативните предавања од стручни и професионали лица претставуваат совршена формула за квалитет во едуцирањето на новите генерации на студенти. Оттука, Американскиот универзитет на Европа – ФОН секогаш настојува да овозможи едукативни предавања од страна на партнери на униврзитетот, преку кои нашите студенти имаат можности да ја прошират теоријата, односно да се збогатат со искуства и знаење пренесени од страна на професионалци од различни области.
Во таа насока, Развојната банка на Република Северна Македонија имаше гостинско едукативно предавање пред студентите од Факултетот за економски науки како дел од предметот Банкарство. Горан Ковачев, шеф на Службата за план и анализа при Развојната банка, во рамките на своето предавање ги запозна студентите со историјата и почетоците на банката, која што датира уште од 1998 година, кога е формирана со посебен Закон за основање на Македонска банка за поддршка на развојот. Ковачев говорејќи за почетоците на Развојната банка, истакна дека нејзината мисија е преку понуда на финансиски производи да се создаде амбиент за подобрување на конкурентноста, поддршка на извозот, економски раст и развој на домашните компании.
Целта на банката, како што рече Ковачев, е финансирање на развојот на домашните фирми, поттикнување на извозот, финансирање на инфраструктурата, поддршка на регионалниот развој, финансирање на проекти за обезбедување и заштита на животната средина, за заштеда на енергијата и за обновливите извори на енергија. Тој на студентите им појасни дека за разлика од останатите банки на пазарот, Развојната банка има голем борј предности, меѓу кои се пристапот до странски извори на средства под поволни услови, кредити со исклучително поволни услови, ги финансира компаниите во ситуации на кризи и отежнати услови на работење, постојано воведува и нуди иновативни банкарски производи. Дополнително, банката во преден план ги става остварувањето на развојните цели и солвентноста, наспроти профитабилноста финансира проекти од доменот на т.н. „пазарен неуспех“, искусен менаџмент и високостручен кадар, висока ефикасност во работењето и целосна транспарентност во работењето.
„Развојната банка озвоможува кредити за мали и средни претпријатија, за агросектор, за обртни средства за зголемени цени на енергенси, за справување со последиците од енергетската и економската криза, за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија и за општини. Секако, овоможуваме и факторинг (предвремена наплата на побарувањата), кредитно осигурување (од комерцијални и политички ризици), како и гаранции како инструмент дека нашиот клиент ќе ги исполни своите обврски кон други деловни банки“, изјави д-р Горан Ковачев, шеф на Службата за план и анализа при Развојната банка во своето опсежно и интересно излагање пред студентите од Факултетот за економски науки.
Деканот на Факултетот за економски науки, проф. д-р Саво Ашталкоки, заблагодарувајќи се за едукативното предавање на претставникот од Развојната Банка, г-дин Горан Ковачев, пред студентите истакна дека како идни носители на одлуки, односно како вработени во некоја од нашите банки или претпријатија, Универзитетот во текот на образовниот процес секогаш ќе настојува да изнаоѓа механизми за продлабочување на нивните знаења, со што ќе бидат подготвени за предизвиците со кои што ќе се соочат во реалниот свет.





