X
притисни ентер »

Годишна изложба на проекти на студентите од Архитектонскиот факултет

Во просториите на Американскиот универзитет на Европа – ФОН на 08.06.2022 година беше организирана годишна изложба на проекти на студентите од Архитектонскиот факултет. На изложбата беа презентирани архитектонски решенија, цртежи, постери, макети и скулптури на студентите изработени во последните две години, кои заради пандемијата немаше услови да бидат претставени пред пошироката јавност. 

Оптимистичната бројка на трудови и просторот којшто првично беше планиран за изложбата се покажа како претесен за да се презентира се што беше сработеното од страна на струдентите, кои вредно и посветено работеа во изминатиот период, а под менторство на својот наставен кадар.

Без оглед на се, пoсетителите на изложбата имаа можност да видат фантастични трудови, но не како цртежи и скулптури во смисла на завршени уметнички дела, туку развојни проекти, замрзнати и визуелизирани во еден момент на креативност. Но, како што истакна деканот на Факултетот за архитектура професор д-р Мимоза Клековска, таквите претставени дела можат да се направат и подобро, затоа што архитектурата е развојна, жива и животворна уметност и наука.

Изложбата на трудовите на студентите од Факултетот за архитектура беше работна и испитна. Задачата на секој изложен труд е да се прикаже начинот разубавување и оплеменување на просторот на живеење.

Заедничката, тимската работа при подготовка на изложбата беше вистинска прилика сите студенти од различни студиски години да се соберат заедно на едно место и да се запознаат меѓусебно. Но во истовреме, тоа беше можност да се спроведат и избори за факултетското студентско собрание. Студентите од Факултетот за архитектура ја избраа Ивана Михајлоска за претседател на студенското Собрание, студент од втора година. Ивана Михајлоска заедно со новоизбраниот член Викторија Митева ќе бидат претставници од Факултетот за архитектура во студентското Собрание на АУЕ – ФОН.