X
притисни ентер »

Отворена годишна студентска изложба на Факултетот за дизајн и мултимедија во Домот на АРМ

Во Домот на АРМ на ден 07.06.2022 година се отвори годишната изложба на студентите од прв и втор циклус на студии од Факултетот за дизајн и мултимедија при Американскиот универзитет на Европа – ФОН. На излoжбата која што привлече голем број на љубители на уметност, со свои дела се претставија студентите од трите области на факултетот: графички дизајн, мултимедија и моден дизајн.

Поставката има над 600 експонати и се состои од цртежи и слики, плакати, типографски решенија, илустрации, па сè до фотографии, анимации и апликативни решенија од областа на модниот дизајн.

Интересот на студентите да учествуваат на годинешната изложба беше огромен. За жал, голем дел од делата на студентите беа селектирани и не се поставија заради ограничениот галериски капацитет, кој што ни од блиску не можеше на едно место да собере сè што заслужуваше да се изложи. Од овие причини, трудовите кои беа одбрани за изложбата, ќе бидат изложени на онлајн изданието на изложбата. Стидентите тоа го заслужуваат, затоа што уметниците преку своите дела се сметаат дека се еден вид на „хронолози“ на историските епохи и карактеристичните настани, по кои истите се паметат.

Деканот на Факултетот за дизајн и мултимедија, Милош Милосављевиќ на отворањето на изложбата истакна дека уметноста отсекогаш се сметала за благородна работа која има за цел да ги крене лествиците на општественото битисување.

„Луѓето кои се занимавале со уметност се сметале за посебни, затоа што преку своите дела, ги промовирале културните и етичките вредности на подрачјата каде делата се создавани, а народите кои имале среќа или привилегија, да изнедрат големи имиња од уметничката сфера, се сметат за големи народи. Вистинските уметнички дела секогаш биле „мост“ за поврзување на народите, дури и таму каде разликите, а не ретко и антагонизми, изгледале како да се ненадминливи“, истакна деканот Милосављевиќ во своето обраќање на отворањето на годишната студентска изложба.

За сите љубители на уметноста кои што сакаат да видат дел од големото творештво на студентите од Факултетот за дизајн и мултимедија при АУЕ - ФОН,  изложбата ќе биде отворена за јавноста до 10 јуни.

Повеќе фотографии од изложбата може да се најдат на следниот линк https://bit.ly/3HfSkEb