10 пракси и едукативна работилница


На 12 мај 2015 година студентите по француски јазик и цивилизација имаа можност да присуствуваат на едно несекојдневно и навистина интересно предавање за француската винска култура кое, на покана на виш лектор м-р Наташа Алексоска, го одржа м-р Јадранка Накова, маркетинг директор на холдингот “Перминдекс” во чиј состав влегува и “Винаријата Стоби” каде 10 франкофони студенти од ФСЈ реализираа пракса во периодот од март до мај 2015 година.
Гостинката со своето мултидисциплинарно образовно портфолио како магистер по Странски јазици, надворешна трговија: ЕУ од Универзитетот “РЕН II” од Рен во Горна Нормандија (Франција) & УКИМ и, меѓу останатите професионални ангажмани, со повеќе од 15 години работно искуство како маркетинг директор на францускиот автомобилски гигант “Пежо” беше повеќе од компетентен предавач со широки теоретски и практични познавања не само од францускиот јазик и цивилизација туку и од француската винска индустрија и винскиот маркетинг.
Студентите со силен интерес ги проследија новите информации за винската географија односно разликите кои постојат помеѓу стариот свет (Франција, Италија, Шпанија, Германија и Португалија) и новиот свет (САД, Австралија, Аргентина,Чиле, ЈАР и Нов Зеланд). Исто така, студентите беа импресионирани од перформансите на Франција не само како Бр. 1 светски производител на вино и Бр. 2 конзумент на вино после Луксембург (што можеби објаснува зошто Франција е нација со најмалку кардиоваскуларни заболувања во светот) туку и во поглед на воведените строги и прецизни правила за винопроизводителите и апелациите: vin de table, vin de pays и Appellation d’Origine Contrôlée (AOC) односно ознака за највисок контролиран квалитет.
Детално и со многу интересни примери м-р Јадранка Накова на студентите им ги појасни заблудите и најчестите грешки поврзани со вината пред да го насочи вниманието и да се фокусира на предизвиците во сферата на винскиот маркетинг.
Гостинката им појасни на студентите дека целта на маркетингот е да ги препознае потребите на клиентот и да ги задоволи истите на начин што производот сам ќе се продава. Всушност, целта е постигната кога маркетингот ќе ја направи продажбата сосема непотребна. Во излагањето беа разјаснети основните маркетинг алатки во винскиот маркетинг, на кратко беа наведени примарните активности во односот со јавноста, маркетинг миксот, факторите кои влијаат на формирањето на цената, промоцијата, дистрибуцијата, контролата, брендирањето, герила маркетингот и улогата на социјалните мрежи во винскиот маркетинг.
На крајот на предавањето м-р Јадранка Накова на кратко ги претстави успесите на својата матична институција и суперлативите со кои се оценети вината од страна на реномираните списанија посочувајќи ја како последна силната препорака од страна на “Волстрит Журнал” и “Вашингтон пост” во април 2015 година.
После серијата корисни информации со кои студентите ја збогатија својата винска култура гостинката формално ги додели сертификатите на 10 студенти франкофони кои реализираа практика во периодот од март до мај 2015 година.


Како продолжение на клиничката настава по француски јазик и цивилизација на 13 мај студентите ја посетија“Винаријата СТОБИ”. Винаријата е модернистичка градба инспирирана од еден од најзначајните архитекти на XX век, францускиот пионер на модерната архитектура, Ле Корбизје/ Le Corusier и неговата Вила Савоја/Villa Savoye.
Под водство на енологот и главен контролор на квалитет м-р Андон Крстевски кој, меѓу другото, има завршено студии на Универзитетот “Бургоња” во Дижон (Франција) и постипломски студии на Универзитетот “Виктор Сегалан” во Бордо (Франција), студентите се запознаа со производствениот процес од берба до добивање готов производ.
Слушајќи ги појаснувањата за производството на бело вино, црвено вино или розе вино (од црвено грозје според технологија за бело вино), високиот степен на компјутеризација на производството, техниките со кои енолозите го контролираат целиот процес и може да креираат квалитетни вина, посетата на винскиот подрум каде се барикираат вината во дабови буриња увезени од Франција, студентите се чувствуваа како некој да ја подигнал завесата и им дозволил поглед зад театарските кулиси.



Пријатно изморени од прошетката студентите ја продолжија едукативната посета со тричасовна работилница за винска култура со дегустација на дури 9 различни бели, розе и црвени вина од палетата на “Винаријата СТОБИ”. Во текот на цели три часа м-р Андон Крстевски на студентите по француски јазик и цивилизација им зборуваше за француската винска култура, француските вински региони со фокус на винскиот регион Бордо/Bordeaux, винските апелации, винскиот bon ton во поглед на изборот на чашата, правилното држење на чашата, именувањето на различните големини шишиња, начинот на подарување на вино, основните елементи на правилна винска дегустација, спарувањето на храната со виното, начинот на коментирање на виното, француската терминологија која се употребува во винскиот свет (барикирање, декантирање, купажа, куве, ….) со акцент на дескрипторите на вкусот на виното (свежо наместо кисело, топло наместо алкохолно, суво наместо благо итн.) и главните дескриптори за арома (зачинска/épicé, овошна/fruité, цветна/floral, дрвена/boisé, земјена/terreux, карамелизирана/caramélisé), автохтоните македонски вина, приказната за вранецот како персонификација на македонскиот менталитет итн.
Во текот на дегустацијата проследена со хумор и убаво расположение се водеше жива дискусија во која интересен придонес даде студентката Андријана Јовановска. Таа со колегите сподели дека во текот на своите чести патувања во Франција имала уникатна можност во елитниот париски ресторан во Art Nouveau стил “Maxim`s” да дегустира неколку вина од француски винарии кои се вбројуваат меѓу петте најдобри во светот како Château Margaux AOC (Médoc, Bordeaux), Châteauneuf-du-Pape AOC (Châteauneuf-du-Pape, Rhône) и др. и ги пренесе своите впечатоци од тоа уникатно доживување.




Студентите се интересираа и ја коментираа годишната француска консумација на вино (70 литри во просек наспроти 7 литри во РМ), (не)оправданата фасцинација со француското младо вино Baujolais, (не)достижноста на апелацијата AOC во РМ, високиот степен на винска култура во Франција, десертните вина итн. Без разлика на темата студентите ги апсорбираа новините со нескриен интерес.
На крај студентите им се заблагодарија на домаќините, м-р Јадранка Накова и м-р Андон Крставски, за демистифицирањето на светот на виното и за срдечното гостопримство.