X
притисни ентер »

Ефектот на изучување на странски (немајчин) јазик во предучилишна и во раноучилишна возраст

Проект Бр. 13-3606/2 одобрен и финансиран од Министерство за наука и образование, Република Македонија

• Времетраење: 2 години (2010-2012)

• Цели на проектот:

Последниве неколку години бележат тенденција на зголемена понуда од курсеви по странски јазици наменети за деца од предучилишна возраст. Овој тренд е во духот на светските едукативни политики за воведување задолжителен странски јазик на што порана возраст (на пр. Англија, Шведска).
Од научен аспект, предноста на раната возраст за изучување на странски јазик се темели на т.н. претпоставка за ‘критичен период’ од животот за време на кој човекот е најподготвен за учење јазик (Lennenberg 1967). Иако постоењето на истиот е сеуште недокажана хипотеза за изучување на странски јазик, непобитен е фактот дека децата се поуспешни изучувачи на странски јазици, кога се разгледуваат како група и кога се оценуваат долгорочно.
И покрај популарноста на детските курсеви за странски јазици, широката јавност има низа прашања околу вакво изучување на странски јазици: Од која возраст е најдобро да се почне? Дали се оптоварува детето? Колку јазици може да се учат напоредно? Дали детето нешто воопшто ќе научи? Целта на предложениот проект е продлабочување на научните знаења од областа на рано изучување на јазик преку обид да се одговори на дел од постоечките дилеми. Тоа ќе се постигне преку експериментално истражување во кое ќе се споредува компетенцијата по странски јазик (најмногу англискиот) кај деца кои започнале да го учат во предучилишна возраст (4-6 години) и оние кои прв пат се сретнале со тој јазик во формални услови (училница), како задолжителен предмет во прво одделение. Поконкретно, децата ќе се споредуваат во две временски етапи (на почетокот на учебната година и на крајот од учебната година), во низа однапред одредени јазични вештини.
Од дидактички аспект, во проектот се планира да се вклучи и експериментална група на деца со која ќе биде тестиран ефектот на фоникс (phonics) како систем за изучување читање и пишување на англиски јазик кај деца на кои тој не им е мајчин јазик. Од теоретски аспект, предложениот проект дополнително ќе ги спореди децата рани изучувачи на англискиот со деца-рани изучувачи на францускиот јазик за да се анализира опсегот на влијанието на англискиот јазик вон формалната средина во која се изучува истиот. Понатаму, француско-англиски билингвални и француско-англиско-македонски трилингвални деца планирано е да се вклучат во проектот за да се тестира когнитивната подготвеност на децата за изучување на повеќе јазици одеднаш.
Резултатите од истражувањето ќе бидат теоретско корисни, а ќе најдат и директна примена во едукативната пракса и јазичното планирање на Р. Македонија.
Врз основа на добиените резултати би дале иницијатива до Министерството за образование и наука да му го олесни пристапот до предучилишно изучување на странски јазик на секое дете и да го инкорпорира со компјутерско описменување. Бидејќи очекуваме фоникс-методата коренито да им го олесни изучувањето на англискиот јазик посебно на македонските изучувачи на истиот, заради сличноста со изучување на македонската азбука, би го ревидирале и надополниле постојаниот Прирачник за наставници по англиски јазик во рана училишна возраст. Овие мерки, би опфатиле и предлози за најсоодветно оценување на знаењето по странски јазик кај деца од раноучилишна возраст.
Резултатите од истражувањата ќе бидат јавно достапни преку нивна дисеминација во медиумите, организирани семинари и работилници, како и низ стручни публикации.

• Членови на тимот:

Главен истражувач: доц. д-р Ана Лазарова-Никовска, Универзитет ФОН, Скопје, Македонија
Истражувач-соработник: д-р Тереза Пароди, Универзитет на Кембриџ, Англија
Млади истражувачи: Виш лектор м-р Љубица Кардалеска, лектор м-р Искра Стаменкоска, двете од Универзитет ФОН, Скопје, Македонија
Останати истражувачи: проф. д-р Лиљана Калиниќ-Ордев, Виш лектор м-р Наташа Алексоска, Универзитет ФОН, Скопје, Македонија, Биљана Маричиќ-Јакимовска, психолог-психотерапефт, Младост’, ЈЗУ Здравствен Дом на Скопје.
Статистиката ја изработува: асс. м-р Емилија Камчева, Универзитет ФОН, Скопје, Македонија