X
притисни ентер »

Фабрика на знаење

Фабрика на знаење е наставно-научен и апликативен проект на Универзитетот ФОН со кој се спојуваат студентите, бизнис заедницата и јавните институции на едно место, во насока на реализација на поставените задачи. Целта на проектот е да се создадат реални и квалитетни производи од страна на студентите, како зададена задача од партнерските компании кои учествуваат во проектот. Фабрика на знаење се обидува за првпат кај нас да ја конкретизира соработката на високообразовните институции и реалниот сектор.

Преку проектот Фабрика на знаење се имплементираат теоретски стекнатите знаења во текот на студирањето, се промовира потенцијалот на нашите студенти пред идните работодавци, а воедно и се потенцира квалитетот на едукативниот процес со кој Универзитет ФОН може да се гордее.

Право на учество во проектот Фабрика на знаење имаат студентите од прва до петта година заради неопходноста од поседување одредени предзнаења за учество во проектот. Проектот е конципиран интередисциплинарно, односно учество во проектот земаат студентите од сите факултети кои се дел од Универзитетот ФОН. Ваквиот концепт ја овозможува комплетната реализација што би можела да ја даде некоја етаблирана компанија, со оглед на разновидноста на едукацијата која ја имаат сите студенти, кои се дел од проектот.

Целите на овој проект се поделени во два дела.

Првиот дел се однесува на употребата на тимовите како една од најважните алатки во функционирањето на многуте компании. Целта на формирањето тимови од студенти е тие да служат како еден вид организациска алатка за решавање на проблемите со кои ќе се соочуваат. За да се постигне внатрешна кохезија и флексибилност, тимовите се составени од студенти чии работни вештини се поврзани со проблемот со кој се соочуваат. Во рамките на тимот, исто така, постојат ефикасни канали на комуникација поддржани од самата желба на членовите на тимот да споделат идеи и знаење.

 

Реализацијата на зададените активности оди во следните чекори:

  • Во рамките на тимот студентите ја делат работата во три нивоа и тоа: на индивидуално ниво, на ниво на тимот и на ниво на поголема организациска структура; со цел успешно завршување на задачите.
  • Поставуваат и дефинираат јасни цели и начини како тие цели да се остварат и постигнуваат тимска ефикасност и ефективност при извршувањето на задачите;
  • Со проектот се гради тимската култура и позитивната внатрешна атмосфера, а се развива и чувството на доверба помеѓу членовите во тимот.

 

Вториот дел се однесува на надградувањето на дотогаш стекнатите академски знаења на студентите во соодветните области.

 

  • Се разгледуваат можностите за управување со производите и влијанието од моменталните услови на пазарот врз портфолиото и животниот циклус на производот, карактеристиките на успешните и на неуспешните производи и тоа како тие да се задржат на пазарот.
  • Се идентификуваат конкуренцијата, трендовите на пазарот, целната група, се спроведува истражување на пазарот, се анализира процесот на донесување одлуки на купувачите и се разгледуваат сите каналите на дистрибуција.
  • Потребно е да направат и да се креираат објаснувања за самиот концепт на производот и за неговото пакување, за неговите дизајнерски решенија како и комплетна маркетинг промоција на производот на пазарот.
  • Да бидат целосно сигурни како да управуваат со производите во новиот свет на дваесет и првиот век.

 

Како резултат на претходно наведените цели, студентите имаат можност да ги имплементираат своите академски размислувања во управувањето со производите и во практичното дејствување на претпријатијата. Целиот процес низ кој ќе поминуваат студентите се состои од следните седум фази:

1. Генерирање идеи – размислување и генерирање идеи за нови производи или за нова производствена линија, како и усовршување на веќе постоечките производи, кои ќе и помогнат на компанијата да ги постигне своите цели.
2. Разгледување на идеите – дали целната група на потенцијалните потрошувачи ќе има бенефиција од производот; колкава е целната група и кои се предвидувањата за проширување кон новите целни групи; разгледување на директната и на индиректната конкуренција на пазарот; кои се трендовите на пазарот врз кои се базира самата идеја; дали е технички изводливо да се произведе тој производ; разгледување на профитабилноста на компанијата по производството и доставување на производите до крајните потрошувачи.
3. Развој на концептот и тестирање – идејата за производот им е презентирана во некој определен сегмент на потенцијалните купувачи преку писмена или усна презентација, со цел да се одредат ставовите и намерите на купувачите во однос на производот; да се утврди каква бенефиција ќе имаат купувачите; на кој начин производството ќе биде најрентабилно.
4. Бизнис анализа – разгледување на финансиската ефикасност; како новиот производ ќе влијае врз продажбата на фирмата, трошоците и профитот; проценка на рамнотежната цена, итн.
5. Техничка изводливост – дали е технички изводливо да се произведе производот со ниски трошоци и притоа да се определи разумна цена, а потоа да се создаде и одреден прототип.
6. Техничка имплементација – создавање нова програма; проценка на достапните ресурси; распореди во тимот; соработка помеѓу добавувачите; логистички план; формулирање на датабазите; разгледување на програмата и мониторинг; 7. Комерцијализација – лансирање на производот и негова промоција;
8. Буџетирање – подготовка на буџетите; разгледување на фиксните и на варијабилните трошоци за производство; идни прогнози за профитот.

 

Проектот Фабрика на знаење за прв пат се воведе во 2010 година, а се реализира три години по ред. Секоја година во проектот учествуваат различни компании, кои поставуваат задачи што се од нивен интерес. Во академската 2010/2011 година, во проектот Фабрика на знаење учествуваа: Млекара „Бимилк“, „Veze Sharri“ и „Lecker“, „Тутунска Банка“, „One”, „Renova“ и „Фине“. Во Академската 2011/2012 година, пак, во проектот учествуваа компаниите: „Комерцијална Банка“, „Тиквеш“, „ТАВ“, „Грозд“, „Пофикс“ и проектот за развој на регионот на Охрид, Струга и Подградец. Оваа година во проектот се вклучија: „Дирекцијата за заштита на личните податоци“, „Халк Банка“, „Комфи Анѓел“ и „Фабриката Карпош“.

 

Проектот завршува во текот на месец мај со организирање завршна церемонија. На оваа церемонија, секој од тимовите го презентира сработеното и се оценува успешноста на студентите во реализацијата на зададените задачи од претставниците на компаниите.

 

Со овој проект, Универзитетот ФОН ги надополнува своите активности за унапредување на квалитетот на наставата преку еден веќе воспоставен модел, но со оригинален пристап и со идеи. Првата година, кога Фабрика на знаење почна да се реализира како пилот проект, постигна голем и неочекуван успех. Со признанијата добиени од компаниите кои учествуваа и со позитивните реакции на пошироката јавност, проектот поттикна интерес за учество на нови големи и престижни компании. Креативните и применливи решенија на студентите го направија проектот исклучително атрактивен, а Универзитетот ФОН – горд на својот капацитет и потенцијал.