X
притисни ентер »

Отворена годишната изложба на проекти на студентите од Факултетот за архитектура

Во просториите на Американскиот универзитет на Европа – ФОН на 09.06.2023 година беше отворена годишната изложба на проекти на студентите од Архитектонскиот факултет. На изложбата беа презентирани архитектонски решенија, цртежи, постери, макети и скулптури  изработени во последната година, а беа изнесени пред пошироката јавност за да посведочат за посветеност, вложениот труд и изминатите часови на секој студент при изработка на своето дело.

Деканката на Факултетот за архитектура, проф. д-р Мимоза Клековска, на отворањето на годишната изложба изрази задоволство што студентите и оваа учебна година ослободени од стегите на короната можат да се дружат, да комуницираат, но истовремено и јавно да ги споделат своите трудови. Таа истакна дека секој од студентите вложувал во квалитет и доследно ги извршувал задачите, при што секој нов проект бил сфатен како предизвик со кој треба цврсто да се фатат во костец.

„Секоја идеја покрај техничката издржаност што се гледа во овие цртежи финиширана е и со естетска 3Д визуелизација, а некаде и со макета. Прикажани се семестралните работи на студентите од II, најмногу од III и IV година, по предмети од: станбени, општествени објекти, урбанистички решенија, детали од внатрешна архитектура и ентериер, широк дијапазон од крупни размери до најситни детали. Обемноста, осмисленоста и вложениот труд може да се видат меѓу линиите и боите на цртежит.  И ако крајот делото го краси, може да сме задоволни од она што е постигнато и прикажано, но во ситовреме и да се пофалиме дека имаме вредни и креативни студенти, подготвени за меѓусебна соработка и соработка со нас наставниците со отворена и слободна мисла. Можеби некому ќе му звучи идилично, но оваа наша дружина со уживање работеше, понекогаш со спротивставени мислења,  но се корегираше и усовршуваше со цел за да го извлече најдоброто можно решение“, потенцираше деканката Клековска.

Заблагодарувајќи им се на студентите за соработката и посветеноста, деканката ги охрабри студентите да продолжат да се градат во одговорни самосвесни личности и да останат свои, затоа што само тоа е единствениот вистински пат за успех во кариерата и животот.