X
притисни ентер »

Студентите дел од книжевен настан и изложба

Студентите од Факултетот за странски јазици при АУЕ - ФОН на 25-ти април присуствуваа на настан во организација на Book Club во рамките на Europe House на кој се дискутираше за делото-добитник на наградата Роман на годината „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на Влада Урошевиќ. Модератор на оваа дебата беше проф. д-р Владимир Мартиновски, а посетителите беа почестени и со присуството на авторот на романот, Влада Урошевиќ кој е еден од најзначајните претставници на македонскиот модернизам и кој освен со пишување, се занимава и со преведување. Се водеше убава дискусија и беа откриени некои детали со кои не сите читатели на овој роман се запознаени. Присутните имаа можност да слушнат за првичните идеи на романот, кои авторот подоцна одлучил да ги изостави да не дојде до забавување на дејството на романот и намалување на драматичноста. 

На 2-ри мај, пак, студентите присуствуваа на изложбата „На работ на зборовите“ каде имаа можност да видат низа уметнички дела кои се емоционално поврзани со искажаниот збор, но во исто време покажуваат како може да се зборува без зборови, со говорот на телото. Книжевноста е секако уметност сама по себе, но врската помеѓу визуелната уметност, зборот и јазикот е уникатна. На изложбата можеше да се видат дела на уметниците: Анета Попова, Оливер Мусовиќ, Славица Јанешлиева, Александра Ристовска Петрушевска, Нехат Беќири и Стефан Младеновски.