Студентот Дамјан Шокев од АУЕ - ФОН ја освои првата награда на натпреварот за плакат „Ден на италијанскиот стрип“
Студентот на Факултетот за дизајн и мултимедија на АУЕ - ФОН, Дамјан Шокев, е добитник на првата награда на студентскиот натпревар за плакат на тема „Ден на италијанскиот стрип“. Натпреварот организиран од Институтот „Данте Алигиери“ и Италијанската амбасада во Скопје е дел од јубилејното десетто издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ кое се одржува во Скопје, од 5 до 10 октомври 2022 година.
Конкурсот беше отворен за студенти, млади професионалци и средношколци. Комисијата беше составена од реномираните графички дизајнери: Нгадњим Мемети и Небојша Гелевски, како и Амбасадорот на Италија г-дин Андреа Силвестри, кој е страствен познавач на стрип уметноста, и стрип авторот Давор Драмиќанин.
Наградата на студентот од АУЕ - ФОН Дамјан Шокев му беше свечено врачена на 6 октомври 2022, во салата на кино Фросина во МКЦ, од страна на Амбасадорот на Италија, г-дин Андреа Силвестри и проф. м-р Ладислав Цветковски, претседател на Институтот „Данте Алигиери“ во Скопје, по што следуваше мастерклас на Алесандро Билота и Серџо Герази, стрип автори од Италија, кои своето авторство го имаат потпишано на бројни стрип серии, меѓу кои и Дилан Дог. „Денот на италијанскиот стрип“ за прв пат се организира оваа година.


