ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА УНИВЕРЗИТЕТСКИОТ СПОРТ
Факултетот за Физичко образование, спорт и здравје во организација на Универзитетската спортска федерација на Македонија организираше конференција посветена на 20-ти септември, Меѓународен ден на Универзитетскиот спорт прогласен од УНЕСКО.
Конференцијата на тема беше „Перспективите на универзитетскиот спорт во Република Северна Македонија“, а присутните ги поздрави Претседателот на Универзитетската спортска федерација на Македонија, Проф. Д-р Ленче Алексовска-Величковска и директорот на Агенцијата за млади и спорт на Република Северна Македонија, Наумче Мојсовски.
Во своите излагања посебно ја нагласија потребата од издигнување на универзитетскиот спорт на повисоко ниво како специфична алка која низ својот систем на натпревари ќе ги поттикне студентите спортисти да ја продолжат својата спортска кариера, со посебен осврт на сè помасовно имплементирање на двојната кариера како најнов глобален тренд и суштинска потреба. Присутните беа поздравени и од страна на Господинот Матјаж Печовник, генерален секретар на Европската Универзитетска Спортска Федерација, како и Претседателот на Турската Универзитетска спортска федерација господинот Мехмет Ѓунај.
На конференцијата свое излагање имаа претставниците од Универзитетските спортски Сојузи, Универзитетските спортски центри како и истакнати студенти спортисти.
На конференцијата присуствуваа претставници од Американскиот универзитет на Европа – ФОН, а беа присутни гости од повеќе универзитети: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Универзитет „Св. Климент Охридски“ од Битола, Универзитет „Гоце Делчев“ од Штип, Државен Тетовски Универзитет од Тетово, Универзитет на Југоисточна Европа од Тетово, Меѓународен Славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ од Битола, Универзитет „Мајка Тереза“ од Скопје, како и претставници од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ и Катедрата за физичко образование, спорт и спортски менаџмент на нематичните факултети при Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
Посебно обраќање имаше и селекторот на Универзитетската карате репрезентација на Република Северна Македонија, Д-р Бошко Заборски.
На настанот, присутни беа и голем број на студенти спортисти предводени од студентите каратисти, носители на медали од последните Европски Универзитетски Игри.
Кај сите присутни преовладуваше позитивно мислење за унапредување на универзитетскиот спорт, со акцент на двојната кариера како основа за личен и општествен развој на денешните студенти-спортисти а утрешни лидери и двигатели на општеството.




