Со активна и ангажирана младина до подобар и побезбеден свет
Студентите од Факултетот за правни и политички науки при АУЕ - ФОН, по повод Денот на Европa 9 мај, организираа младинска дебата на тема “Студентските и средношколските здруженија како алатка за младинско учество во Република Северна Македонија”. На дебатата беше заклучено дека средношколските и студентските здруженија, нивната взаемна соработка и видливост претставуваат многу значаен сегмент во унапредувањето на средношколскиот и студентскиот стандард. При тоа, присутните истакнаа дека младинското здружување претставува основен механизам за застапување на интересите на средношколците и студентите и за остварување на нивните права, како во формалното образование, така и надвор од него.
„ Младинското учество подразбира вклучување на младите во процесите, институциите и одлуките кои го засегаат нивниот живот. Учеството на младите не е цел сама по себе, туку е средство за постигнување позитивни промени во животот на младите луѓе и за градење подобро општество. Поддршката на младинското учество во развивањето ефективни младински политики и носењето одлуки заедно со институциите е значајно за обезбедување подобар живот на младите и за јакнење на демократските капацитети во нивната заедница. Младите треба да бидат активни и ангажирани, затоа што нивното учество го гледаме како дел од решенијата за подобар и побезбеден свет“, истакна Сејдефа Џефче, декан на Факултетот за правни и политички студии при АУЕ – ФОН говорејќи за важноста и улогата на младинските здруженија.
Анастасија Трајковска од Министерството за образование и наука потенцираше дека средношколските и студентските здруженија имаат голема важност при креирање на политиките и овозможуваат решавање на нивните суштински прашања и проблеми. Затоа, средношколците и студентите треба да бидат активно вклучени во процесите кои ги засегаат.
„Можностите за формално здружување прават своевиден притисок врз институциите да бидеме будни и да реагираме. Државата има обврска да ги прифаќа иницијативите од здруженијата во контекст на подобро општество“, истакна Трајковска.
Панелистите на дебатата говореа и за улогата на невладиониот сектор во процесот на подигнување на свеста и иницијативноста кај младите. Тие беа едногласни дека невладиниот сектор е важен и треба да биде во тандем со државните институции. Во тој контекст, средношколските и студентските организации можат да се јават како активни чинители во општествените односи чија активност е насочена кон иницирање на јавните политики во форма на лобирање, политичко и социјално застапување.
Промените во општеството одат тешко, но доколку постои единство во организирањето и влијанието (формално или неформално) на здруженијата, тогаш секоја иницијатива ќе биде видлива. За таа цел, неопходни се револуционерни идеи и желби со цел промените да бидат брзи, потенцираа панелистите на денешната дебата.
На дебата освен студентите од Факултетот за правни и политички студии од АУЕ – ФОН учествуваа и претставници од Сојузот на средношколци, Младинскиот образовен форум, од Министерството за образование и наука, од Универзитетското студентско собрание при УКИМ, пратеници во Собранието на РСМ, од факултетското собрание на Правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев од Штип“, како и од македонското здружение на млади правници.




