X
притисни ентер »

Г-ѓа Лаура Пуга Молина гостин на ФСЈ!

Денот на Сервантес во Кралство Шпанија се слави од почит кон делото на Дон Мигел де Сервантес Сааведра кој се смета за најголем шпански писател и во негова чест и шпанскиот јазик се нарекува јазикот на Сервантес (la lengua de Cervantes)Необична коинциденција е дека книжевните великани Сервантес и Шекспир починале на ист ден, 23 април 1616 година, ден кој УНЕСКО го одбележува како Меѓународен ден на книгата / Día internacional de libro!

Во чест на Сервантес на 23 април секоја година верижно се чита на радио во живо капиталниот роман ֦Дон Кихот” (1.086 страници), а во некои шпански региони се празнува Денот на книгата и розата (El Día del Libro y la Rosa) кога се даруваат книги и/или рози како подарок на саканите.

Студентите по шпански јазик и цивилизација од Факултетот за странски јазици (ФСЈ) и оваа година креативно го одбележаа овој ден со серија активности:

Поделија информативни летоци и на студентите и вработените на ФОН Универзитет им подарија рози и/или книги од шпански и латиноамерикански автори во духот на традицијата на Денот на книгата и розата!




 

По повод Денот на Сервантес и во рамки на кличничката настава по шпански јазик и цивилизација гостуваше г-ѓа Лаура ПУГА МОЛИНА, советник во Амбасадата на Кралство Шпанија во РМ, која пред студентите по шпански јазик и цивилизација и гости љубители на шпанскиот јазик одржа предавање на тема: ֦Положбата на младите во шпанското општество” / “La posición de los jovenes en la sociedad española”.

Гостинката го започна предавањето потенцирајќи ја важноста на образованието појаснувајќи дека и покрај богатото образовно и професионално портфолио сеуште не ја напушта љубопотноста и жарот за учење. Зборуваше за сличноста меѓу шпанскиот и македонскиот менталитет кој и овозможува за кратко време да се чувствува во Македонија како дома. Со голема доза на искреност, отвореност и непосредност на студентите им зборуваше за промените на положбата на младите во шпанското општество, дека секој млад човек е производ на повеќе генерации и дека младите со својата пасија, талент, интелект, упорност, бунтовност и бестрашност се движечката сила на општеството.

Исто така, зборуваше за положбата на жените и потребата да се воспостави мериторен систем во секоја сфера на професионалниот живот кој ќе се базира врз компетентност без разлика на полот сметајќи дека позитивната дискриминација некогаш е само дискриминација и, иако разбира дека жените многу почесто поминуваат трнлив пат до успехот, не е сосема убедена во нејзината оправданост.

Г-ѓа Лаура Пуга Молина со крајно пријателски став сподели со студентите мудри совети и корисни препораки и несебично истакна дека им стои на располагање за сите прашања кои ги имаат и/или идеи кои сакаат да ги реализираат.

По серија прашања и дискусија со многу хумор и ведрина сите заедно во универзитетската кафетерија уживавме во звуците на сензуалната шпанска музика на Лус Касал и Консуело Веласкес внесени во жив, непосреден разговор.