м-р Андреја Стојковски гостин на ФСЈ

На 12 март 2015 година пред студентите по шпанска цивилизација од ФСЈ во рамките на клиничката настава предавање одржа г-дин Андреја Стојковски, магистер од областа на правото на Европската Унија на престижниот Универзитет “Карлос III” во Мадрид (Кралство Шпанија) со богато професионално искуство меѓу останатото и во Секретаријатот за европски прашања при Владата на РМ, а од ноември 2013 година претседател на ИО на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) – Скопје.
Гостинот пред студентите зборуваше на тема: “Административно-политичкиот систем и положбата на Кралството Шпанија на меѓународната сцена / El sistema administrativo-político y la posición del Reino de España en la escena internacional” и на многу пластичен начин им ги појасни државните симболи на Кралството Шпанија, територијалната организација на автономни региони и автономни градови, поширокиот историски контекст во кој е донесен демократскиот Устав од 1978 година со кој се прокламира национален суверенитет и поделба на власта, се гарантираат индивидуалните и колективните права, правото на автономија на регионите, се формира институцијата народен правобранител (омбудсман) според шведскиот модел, се воспоставува принципот на секуларност итн. (студентите беа посебно заинтригирани од контрастниот приказ на заклетвата на Претседателот на САД врз Библијата што е речиси непојмливо во Кралство Шпанија каде заклетвата кралот ја дава врз Уставот во склад со секуларниот карактер на државата што спонтано отвори дискусија за степенот до кој може да се сметаат САД за секуларно општество, а Шпанија за религиозно!?).
Гостинот многу елоквентно со серија конкретни примери ја појасни улогата на сите чинители на административно-политичкиот систем при што посебно се фокусира на улогата на кралот како обединувачки и стабилизирачки фактор во клучни моменти со цел надминување на општествено-политичките предизвици во процесот на демократизација на шпанското општество како и на релацијата на Кралство Шпанија со Европската Унија.
По кратка дискусија и со констатација дека студентите треба со интерес да ги следат случувањата во Кралството Шпанија посебно во тековната 2015 година кога треба да се одржат дури 4 изборни циклуси предавањето заврши како и што започна, во исклучително пријатна работна атмосфера.