X
притисни ентер »
Проф. д-р Назим Куртовиќ
Факултет за детективи и безбедност


Образование:
Предмети:


Роден е во Тутин, Република Србија, а од своето најрано детство живее и работи во Скопје, каде што го завршил основното, средното и високото образование. Магистерските студии ги завршил на Институтот за кинезитерапија во Софија, а докторските студии на Националната спортска академија, на катедрата за анатомија и биомеханика, исто така во Софија.

Од најмладите години се занимава со спорт, а неговата кариера оставила трага во историјата на македонскиот спорт. Како врвен спортист во карате спортот бил репрезентативец на поранешна СФР Југославија и нејзин долгогодишен капитен. Тој бил повеќекратен шампион на Македонија, поранешна СФР Југославија, Балканот, Медитеранот и Европа.

Како спортски работник, бил селектор на СФР Југославија, а потоа и на самостојна Република Македонија, со чии тимови освоил низа високи меѓународни одличја. Освен тоа, бил претседател на судиската и тренерската комисија на Карате федерацијата на Македонија, како и долгогодишен претседател на Стручниот совет на Карате федерацијата на Македонија.

Во моментов е тренер и претседател на спортски центар „Вардар“ од Скопје. Член е на Собранието на Олимпискиот комитет на РСМ и претседател на Комисијата за наука и спорт при истиот.

На меѓународно ниво, носител е на мајсторско звање 7 дан според стандардите на Светската Шотокан Карате-До Федерација. Член е на техничкиот комитет на Светската Шотокан Карате-До Федерација со седиште во Токио, Јапонија, и како актуелен интернационален инструктор спроведува низа семинари и стручни советувања на различни дестинации низ светот.

Како предавач, ангажиран е на два универзитета и три факултети во Република Македонија и Република Србија. На АУЕ ФОН од 2009 година предава на Факултетот за детективи и безбедност, по предметот Специјална безбедносна обука 1-6. Во Република Србија предава на Интернационалниот универзитет во Нови Пазар од 2010 година, каде што е ангажиран на Факултетот за правни науки, отсек криминалистика, по предметот Специјално физичко образование 1 и 2, како и на Факултетот за психолошко-педагошки науки, по предметот Методика на физичко образование.

Во својата научно-истражувачка работа реализирал повеќе значајни проекти од областа на спортот. Со свои научни трудови учествувал на бројни меѓународни конгреси и е автор на низа научни трудови објавени во различни меѓународни списанија.