АУЕ–ФОН дел од меѓународниот проект TUAC2026, поддржан од програмата Еразмус+ КА3 – European Youth Together
Во рамките на меѓународниот проект ,,Синдикат –Нов глас за погласна младина (TUAC2026)”, истражувачкиот тим успешно ги реализираше активностите предвидени за првата година на проектот, како дел од носечката компонента и клучна фаза на проектот.
Имено, во првото тримесечје од 2026 година, проектните активности беа спроведени со 12 фокус групи, во шест европски земји (Романија, Турција, Северна Македонија, Литванија, Хрватска и Србија), со вкупен број од 109 учесници од 22 град. Опфатените учесници/испитаници се на возраст во распон од 19 до 35 години, од кои 46% жени, 54% мажи, поделени во две групи релевантни за целите на проектот:
• Студенти и млади работници кои не се синдикално организирани и
• Синдикално организирани работници, првенствено од државниот сектор и граѓанските организации (невладиниот сектор).
Преку наведените фокус групи се истражуваа перцепциите на младите луѓе за синдикатите, нивните искуства со (или оддалеченоста од, неможноста да се вклучат во) синдикалните структури, како и нивните очекувања во врска со колективната организација во современите работни контексти. Дискусиите, како основа за квалитативна анализа, се осврнаа на бариерите за учество, релевантноста на синдикатите во реалност на несигурни и променливи пазари на труд, како и идеи за подостапни и партиципативни форми на синдикална активност.
Заклучоците ќе се инкорпорираат во развојот на Академијата за синдикати, како очекуван резултат и централна компонента на проектот TUAC2026. Оваа идна образовна платформа има за цел да оспособи нова генерација синдикални активисти со знаења, вештини и вмрежувања потребни за зајакнување на работничкото организирање низ цела Европа.
По завршувањето на активностите со фокус групите, проектот преминува кон следната проектна фаза: анализа и синтеза на заклучоците од претходните фази, кои ќе послужат како основа за претстојните работилници, пилот-програми и иницијативи за соработка меѓу партнерите во проектот.
Проектот „Синдикат - нов глас за погласна младина“ е поддржан од програмата Еразмус+, КА 3 - Европска младина заедно, која ги обединува претставниците од 10 партнерски организации од Србија, Северна Македонија, Хрватска, Турција, Романија и Литванија, со координација на Синдикатот на УПОЗ од Република Северна Македонија. Иницијативата има за цел зајакнување на вклученоста на младите луѓе во синдикалните структури и процесите на донесување одлуки, како во рамките на синдикатите, така и пошироко во општеството.




