АУЕ-ФОН партнер во Европски проект за млади синдикални лидери
Американскиот универзитет на Европа – ФОН е официјален партнер на Европскиот проект Trade Union – New Voice for Louder Youth, чија цел е да создаде нова генерација млади синдикални лидери и да им обезбеди алатки за активно учество во креирањето на поправедно, порамноправно и одржливо општество.
Младите се носители на промените, но многумина од нив сè уште немаат доволно знаење, вештини и можности за целосно вклучување во овие процеси. Синдикатот на УПОЗ, како координатор, заедно со 11 партнерски организации од младинскиот, синдикалниот, образовниот и истражувачкиот сектор од 7 европски земји, ќе работи на надминување на овој јаз.
Меѓу партнерските организации е вклучен и АУЕ–ФОН, претставуван од проф. д-р Зорица Силјановска и Вероника Велковска, кои со својата експертиза ќе придонесат кон истражувачките и образовните компоненти на проектот.
Проектот има јасна мисија, да ги оспособи младите синдикални членови да станат активни учесници во донесувањето одлуки, и во синдикатите и во општеството.
