ОГРОМЕН ИНТЕРЕС ЗА ПРВИОТ АКАДЕМСКИ ЧАС НА 21-ТА ГЕНЕРАЦИЈА СТУДЕНТИ НА АУЕ - ФОН ЗА 2023/24 ГОДИНА
Американскиот универзитет на Европа - ФОН денеска го одржа првиот академски час за новата генерација на студенти во академската 2023/24 година. Големиот интерес за студирање на првиот приватен универзитет во државата, кој нуди модерно и квалитетно образование продолжи и оваа академска година кога се запишаа 21-та генерација по ред на студенти. Свечениот настан се одржа во просториите на Уиверзитетот пред стотици бруцоши и нивните најблиски, а присуствуваа и менаџментот на АУЕ- ФОН, деканите на факултетите, професорите, како и администрацијата и останати гости.
Ректорката на АУЕ- ФОН, проф.д-р Билјана Пулеска Петрушевска пред бруцошите истакна дека Универзитетот не е само место за образование, туку место каде што се негуваат соништата, се реализираат потенцијалите и се обликуваат иднините. Тоа е место каде што секој игра улога во создавањето на посветло утре, не само за себе, туку и за општеството во целина.
„Нашата цел како академски кадар е да стекнете повеќе од добро образование: да го зајакнете вашето критичко мислење, да стекнете глобална перспектива и да се вклучите во општествените текови. Посветеноста на знаење, иновации и технологијата е од суштинско значење за иднината и ние нема да ја изгубиме нашата решителност“, истакна ректорката Пулеска Јанушевска. Таа додека дека како носител на дејност од јавен интерес, Универзитетот е посветен на одржување на култура на квалитет на високото образование, почитувајќи ја академската слобода на сите членови на нашата академска заедница. И во таа насока, според ректорката, направени се значителни институционални напори за осовременување на студиските програми, адаптирана содржина и методологија за потребите на пазарот на труд, а се применуваат и нови модели на настава.
Проректорката за настава, проф.д-р Марија Ветероска, посакувајќи им голем успех на новата генерација студенти истакна дека тие навистина започнуваат ново поглавје во своите животи. Поглавје кое суштински ги воведува во светот на науката, но и поглавје во кое растот и напредокот се нивна лична определба и одговорност.
„Студиските програми на Универзитетот за кои се определивте и по кои ќе студирате, ги следат високите европски стандарди на академското образование - креирани да ги исполнат очекувањата на современите трендови во општеството и индустриите. Професорите кои несебично ќе го споделуваат своето знаење со вас, се истакнати професионалци во својата област, па покрај теоретската надградба ќе добиете и сознанија за актуелните движења во науката и праксата“, изјави проректорката за настава, Ветероска. Таа потенцираше дека од студентите се очекува да бидат редовни и проактивни, да присуствуваат на наставата и да ги исполнуваат задачите и обврските од наставната програма. На тој начин не само што ќе постигнат повисок академски успех, туку и ќе изградат работна етика која ќе се очекува од студентите во натамошниот професионален живот, а со тоа ќе додадат вредност на своите академски квалитети.
Посакувајќи им добредојде на Универзитетот, заменик - директорката на Американскиот универзитет на Европа - ФОН, проф.д-р Александра Србиновска Дончевски, им порача на студентите дека официјално им претстојат исклучително интересни нови можности, иницијативи и предизвици.
„Сè е ново за вас – нови предавални, нови професори, нови пријатели, па дури и нова технологија. Но, оваа институција, овој Универзитет се издигнува и е во постојано растечко знаење со децении. Токму поради тоа што вашата генерација, така наречена Z генерација ни е најголем предизвик, ние ја прифативме промената на секој чекор од патот по кој и Вие одите. Ако погледнете наоколу, пред сè ќе видите модерен кампус, дополнително дигитализиран целосно, согласно технологијата која е дел од вашите секојдневни активности. Свесни сме дека сте на пат станете наједуцираната генерација, затоа што имате уникатни карактеристики и очекувања, истакна Србиновска Дончевски која пред присутните го претстави најголемиот новитет на универзитетот - отворањето на АУЕ - ФОН тренинг центарот.
Американскиот универзитет на Европа – ФОН, според заменик - директорката е прв и единствен универзитет во нашата земја кој покрај формалното образование отвара и тренинг центар за неформално образование. Универзитетот организира курсеви за различни занимања, прилагодени на потребите на заинтересираните, почнувајќи од индивидуални курсеви, групни, in house обуки за вработените во компаниите до посебно креирани курсеви и обуки специфицирани за доусовршување и доедукација на знаењата.
„Сега започнува ново поглавје за вас. Универзитетот има одговорност да го олесни вашиот раст и развој, но ваша одговорност е да работите напорно. АУЕ- ФОН ТРЕНИНГ ЦЕНТАРОТ нуди речиси 100 различни меѓународно сертифицирани кратки курсеви и обуки. Нашите локални и меѓународни обучувачи од Германија, САД и Франција, кои имаат светско искуство се експерти од реалниот деловен живот и кои можат да направат вистински професионалци од Вас. Нашата главна цел е да Ви помогнеме да го совладате знаењето со кое брзо ќе се вработите, напредувате и секако да заработите пари. Како Универзитетот и Центар за обука при АУЕ - ФОН, ние сме тука за Ви овозможиме безброј можности за лидерство, личен раст. Универзитетот и центарот за обука ќе креираат предизвици, но нашиот административен тим и кадар се тука да Ве инспирираат“, изјави Сезен Цаноска, главен директор за човечки ресурси на АУЕ – ФОН.
Професорот Ќире Јаќимоски истакна дека покрај формалното образование, Факултетот за информатика од минатата студиска година започна и со обуки за сајбер безбедност во партнерство со две врвни и престижни светски институции за овој тип на обуки. „Преку партнерство со ThriveDX првиот буткамп експертите успешно го завршија во јуни 2023 година. Во тек е запишувањето на вториот буткамп, при што оваа обука е прилагодена и за почетници со воведни модули. Додека, преку партнерството со EC-Council од денеска и официјално започнува првата група на студенти на АУЕ-ФОН со обуки за етичко хакирање и справување со инциденти“, најави професорот Јаќимоски.
Во своето обраќање до студентите, генералниот директор на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, м-р Сефер Цаноски им порача никогаш за својот неуспех да не обвинуваат некој друг.
„Јас не верувам во неуспех. Различни сè само околностите, но доколку имате дисциплина и сакате да се едуцирате, тогаш имате голема шанса да успеете. Образованието е мудроста на животот, затоа не го пропуштајте ниту едното, ниту другото. Како високообразовна институција се соочуваме со многу непријатности, пореметени вредности, политички влијанија, но ние се трудиме максимално со сите сили да продолжиме напред и да бидеме уште подобри. Нашиот тим од Универзитетот е подготвен заедно со Вас во наредните 10 до 20 години, да променат многу работи нè само во рамки на институцијата, туку да направат промени и во општеството. Ние, нудиме можност за нови перспективи. Затоа од следната година, 90 отсто од наставата ќе се одвива на англиски јазик, со што се обидуваме да бидеме во тек со светките трендови“, нагласи генералниот директор Сефер Цаноски пред многубројните присутни на првиот академски час.







