X
притисни ентер »

Комеморативна седница во чест на починатиот проф. д-р Назми Малиќи

На Американскиот универзитет на Европа – ФОН, денеска се оддржа комеморативна седница по повод прераната смрт на проф. д-р Назми Малиќи, нашиот долгогодишен професор и поранешен декан на Факултетот за политички науки и дипломатија на која присуствуваа членови од неговото најблиско семејство, роднини, пријатели, колеги, студенти, како и основачите и управата на Универзитетот.

Ректорката на АУЕ – ФОН, проф. д-р Билјана Пулеска Јанушевска на комеморацијата изјави дека името на професор д-р Назми Малиќи, за академската заедница на АУЕ – ФОН универзитетот одекнува со почит и благодарност. Според ректорката, тој остави остави неизбришлива трага во нашата колективна душа. Легатот кој професор Малиќи го остави за Универзитетот е непроценлив. Во чест на неговиот спомен, се сеќаваме на еден човек чие наследство ја надминува академската и општествена сфера, бидејќи тој, пред сè друго, со неговата човечност а тивка природа беше светилник на знаење, сочувство и напредок“

За ректорката, патувањето на професор Малиќи на Универзитетот беше обележано со неговата непоколеблива посветеност на потрагата по знаење. Неговиот академски ангажман, беше доказ за неговата незапирлива жед за разбирање на сложеноста на нашиот свет.  

„Преку своите истражувања и учења, тој не само што им го осветли патот на безброј студенти, туку и во нив ја запали страста за интелектуално истражување. Неговата работа на теми како што се политичката толеранција и нејзината улога во промовирањето на мирот беше пример за неговата посветеност за поттикнување на поправедно и помирно општество. 

Но, влијанието на професор д-р Назми Малиќи се прошири многу подалеку од предавалните. Тој беше ментор, водич и пријател на своите ученици. Тој беше ментор, водич и пријател со татковска грижа за своите помлади колегии, за чиј научен напредок се залагаше со ист одсјај во очите како и кога зборуваше за успесите на сопствените деца. Тој поседуваше неверојатна способност да го препознае потенцијалот во секој од нас и да го негува со неговата наметливост, грижа и трудољубивост. Она што го издвои проф. д-р Назми Малиќи не беше само неговата академска моќ, туку и неговата вистинска грижа за благосостојбата и личниот раст на неговите студенти. Тој разбра дека образованието не е ограничено само на учебници и предавања. Тој инвестираше време во менторирање на студентите, на своите помлади колеги, во разбирање на нашите аспирации и стравови и во насочување кон тоа да станеме подобри верзии на себе. За него, ние не бевме само студенти и колеги; ние бевме иднината на академијата, а тој веруваше во нас од сè срце“ истакана пред присутните на комеморацијата, ректорката на АУЕ- ФОН, проф.д-р Пулеска Јанушевска.  

Според деканката на Факултетот за правни и политички науки, проф.д-р Сејдефа Џафче, прераната и ненадејна смрт на професорот Назми Малиќи ги потресе сите што го познаваа. Професорот Назми беше олицетворение на скромност, чесност и хуманост. Професионалниот живот на Малиќи претставува исклучително богата содржина, сочинета од значителен научно-истражувачки опус, научна и педагошка дејност, раководни позиции и значајни општествени функции.

„Неговиот нескротлив карактер, со изразени елементи на скромност и ненаметливост, хуманоста, посветеноста, толеранцијата, праведноста, упорноста, несебичноста, татковскиот пристап кон помладите и корекноста и пожртвуваноста кон своите колеги оставија длабока трага во сите нас.

Беше ревносен професор кој на своите предавања сакаше да ги слушне младите, ги почитуваше сите студенти и подобрите и послабите. За него, сите беа еднакви. Секогаш беше на ставот дека нема материја која студентите не може да ја совладаат, туку напротив професорот треба да најде начин за секој студент да го извлече максимумот. Неуморен ентузијаст кој и во најкревките моменти не се предаваше. Педагошката работа на професорот Назми беше пример за многумина. Вратата на неговиот кабинет беше секогаш отворена за студентите. Тој беше противник на определен ограничен термин за консултации, туку сметаше дека професорите треба секогаш да бидат достапни за студентите.

Секогаш се трудеше да ги собере најдобрите студенти. Тој сметаше дека менторството е една од неговите најважни задачи, како и несебичното споделување на знаењето. Така се множи знаењето, а тој што споделува не станува посиромашн, туку неизмерно побогат. Ова беа зборовите што често ги повторуваше.

Не можам да ја заборавам неговата енергија и верба дури и во најтешките моменти, за него никогаш немаше нерешливи ситуации, туку со верба секогаш одеше напред. Секогаш ја изразуваше почитта кон колегите, никогаш никого не заобиколи, секогаш им даваше предност на повозрасните колеги со длабок респект и почит,  дури и кон нас помладите.

Беше голем верник, на златен кантар ги ставаше и мереше постапките на сите колеги, никогаш никого не обвини ниту наклевети, никогаш никого не обесправи ниту кажа невредлив збор, беше многу толерантен и широк оставаше простор секој самиот да сфати за своите постапки, и никогаш не ја одбиваше подадената рака, градеше мостови каде што беше невозможна“, истакна деканката Џафче во своето обраќање.

Синот на прерано починатиот професор, Дритон Малиќи во своето емотивно обраќање истакна дека му е многу тешко да зборува, затоа што Универзитетот и сите негови колеги, го потсетуваат на неговиот татко.

„Универзитетот за татко ми беше голема одговорност. Тој никогаш не се штедеше. Секогаш инсистирал на праведност, достоинство и поддршка, како дел од неговиот карактер. Мојот драг татко остави многу, не само за нас, односно семејството, туку и за колегите, студентите... Високите стандарди кои тој ги постави, сè гордост, но и вистински предизвик. Знаеме дека останаа многу нерелеазирани планови, но иднината е непредвидлива“ изјави Дритон Малиќи, синот на професорот Назми Малиќи.

Генералниот директор на АУЕ – ФОН, м-р Сефер Цаноски на комеморацијата пред многубројните присутни изјави дека луѓето умираат два пати: eднаш кога физички ќе исчезнат од овој свет, и уште еднаш кога ќе исчезнат и од нашите спомени.

„Неговиот труд, неговите дела, неговиот несебичен придонес... ни оставија аманет, а ние нема да го заборавиме никогаш. Професорот Малиќи имаше чиста душа и гледаше на работите визионерски. Сето она што тој го вложи на Универзитетот, ние имаме обврска да го пренесеме на следните генерации, со што ќе покажеме почит кон една личност која никако нема да се заборави“, истакна Сефер Цаноски на комеморацијата по повод ненадејната смрт на нашиот долгогодишен професор и поранешен декан на Факултетот за политички науки и дипломатија, проф. д-р Назми Малиќи.